Музејот на Град Скопје од следниот месец ќе почне да се реконструира, a целосната реконструкција ќе чини околу еден милион евра, рече денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на промоцијата на монографијата во чест на 70 години од основањето на Музејот.

„Реконструкцијата ќе овозможи овој објект да блесне во полн сјај и целото богатство кое го има да биде презентирано на многу поубав начин. Јавноста ќе биде изненадена кога ќе го реотвориме Музејот во септември-октомври“, најави Шилегов.

На промоцијата на монографијата „70 години Музеј на Град Скопје“ говореа и академик Вера Битракова-Грозданова и директорот на Музејот, Славко Лисичков, кој кажа дека на 300 страни и со над 200 фотографии, се претставени сите значајни музејски предмети и уметнички дела од збирките на Музејот.
Уредници на монографијата се Емил Алексиев и Фросина Зафировска, а соработници Небојша Гелевски и Ема Велкова од „Кома компани“.

Градоначалникот Шилегов, академик Битракова-Грозданова и директорот на Музејот Лисичков на денешната промоција на монографијата. (Фото: К. Попов )

„Во овие сали нашата публика имала можност да ги види делата на Дејвид Хокни, Марина Абрамовиќ, Оља Иваницки, големата изложба на германски експресионизам, Богатството на Романови, а пак наши изложби гостувале во Јапонија, Англија, Германија, Романија, Турција, Грција“, рече Шилегов.

Прославата на јубилејот продолжува вечерва со отворање на изложби и видеопроекција изработена во 3-Д мапинг технологија, за музејската и галерската работа во изминатите 70 години поделена на декади. Во втората сала ќе биде претставен дел од збирката на плакати за изложби од изминатиот период од работењето на музејот. Во третата сала ќе има изложба на која ќе биде претставен дел од најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела и преглед на најзначајните настани, како: изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации.