Беше пред отказ, но со триумфот среде Милано стратегот повторно купи време.

Најавите дека Џенаро Гатузо ќе си замине од клупата на Наполи и натаму се одолговлекуваат. Минатиот пат кога беше пред отказ го среди Јувентус во Серија А и повторно ја доби довербата на управата. Сега истата приказна, се крчкаше отказ за Гатузо, а тој успеа да победи на гости кај Интер. Само за потсетување, овој триумф следува по бламажата дома со Лече и поразот од 2:3.

Наполи синоќа гостуваше на „Меаца“ во рамките на првиот полуфинален натпревар од Копа Италија. Во еден тврд натпревар без многу шанси, гостите од Неапол успеаја не само да ја зачуваат својата мрежа туку и да се вбројат меѓу великани како Барселона (двапати), Борусија и Јувентус нанесувајќи му го само петтиот сезонски пораз на Интер.

Наполи славеше со минимални 0:1, а победничкиот гол беше гол беше дело на Фабијан Руис во 57. минута од натпреварот кога со прекрасен удар го совлада синоќа одличниот Даниеле Падели.