Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик смета дека БиХ нема да постои на пролет следната година ако не се врати на дејтонските позиции.

Тој порача и дека Република Српска тргнала на пат на излегување од БиХ од кој нема враќање.

„Ние тоа ќе го направиме и нема да нѐ сопрат ни САД ни кој било друг, бидејќи сметаме дека Дејтонскиот договор е урнат, пред сѐ со интервенција на меѓународниот фактор“, им кажа Додик на новинарите во источно Сараево.

Тој додаде дека времето ќе покаже колку е Република Српска сериозна во таа намера, наведувајќи дека има избор меѓу две опции, од кои едната е да си дозволи тивко да исчезне и да биде урната преку „смртоносниот пакет“ кој го направиле меѓународната заедница и бошњачката страна во Сараево.

„Во првата фаза тоа беше реализирано преку високиот претставник и наметнувањето решенија, а сега тоа го прават преку уставниот суд, сакајќи да се заштитат со приказна за владеењето на правото. Да станува збор за владеење на правото не би одлучувале тројца странци и амбасади“, истакна Додик.

Тој додаде дека вториот избор е „Република Српска да го направи тоа што мора“.

„Сака сите во РС да знаат дека сме турнати до ѕид и дека сега мора да одлучиме дали ќе прифатиме со тие лажни флоскули од американската и западните амбасади да нѐ одржат во некоја приказна за некои принципи, а всушност ги поткопуваат нашите права, или Република Српска ќе го направи она што мора“, кажа Додик.

Тој повтори дека РС не може да верува во БиХ.

„БиХ е лошо место и место на неслобода за Србите и Српска. Ако нема договор странците да заминат од уставниот суд и тој да биде ставен во функција, како во сите други земји, тогаш нема да има ни БиХ. Нека го запамтат тоа“, истакна Додик.