Поп sвездата Бритни Спирс, која се бори против контроверзното старателство кое управува со нејзиниот личен живот и финансии, во неделата (12 септември) објави дека е свршена со долгогодишното момче Сем Асгари.

Пејачката сподели видео на кое стои покрај Асгари и покажува сјаен прстен на раката. „Не можам да поверувам“, напиша таа во описот, додавајќи емотикони со прстен.

Асгари одделно објави фотографија на која парот се бакнува, а Спирс го покажува прстот со прстенот.

Менаџерот на Асгари, Брендон Коен потврди дека парот се верил.

„Двојката денес ја озваничи својата долгогодишна официјална врска и се длабоко трогнати од поддршката, посветеноста и љубовта што им се укажува“, соопшти Коен преку е-пошта.

39 -годишната Спирс претходно двапати беше во брак.

Во 2004 година во Лас Вегас се омажи за пријател од детството Џејсон Александар, но тој брак беше поништен неколку дена подоцна.

Подоцна истата година, таа се омажи за танчерот Кевин Федерлин, со кого има две деца, пред бракот да заврши со развод во 2007 година.

27-годишниот Асгари, роден во Иран, е личен тренер и актер кој се појави во серијата Black Monday нa „Шоутајм“. Тој и Спирс започнаа врска во 2016 година.

Во јуни, Спирс изјави пред судот во Лос Анџелес дека 13-годишниот конзерваторски надзор, делумно контролиран од нејзиниот татко, е насилен. „Си го сакам животот назад,“ рече таа. „Се надевам дека ќе се омажам и ќе имам уште деца.“

Минатата недела, таткото на Спирс, Џејми Спирс, поднесе документи во кои бара од судот да се укине спорниот надзор. Следното судско рочиште за случајот е закажано за 29 септември.