На конференцијата, на покана од алтернативниот министер во грчкото Министерство за надворешни работи, Милтијадис Варвициотис, ќе учествува и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, кој ќе биде дел од специјалната дискусија.

Димитров заедно со министрите за европски и надворешни работи од регионот, како и словенечкиот претставник на претседателството со Советот на ЕУ, ќе дискутираат ставовите на земјите и граѓаните од Западен Балкан и ЕУ во однос на иднината на Европа.

Инаку, токму во Солун, на Самитот на ЕУ во 2003 година беше дадено ветувањето на ЕУ за вклучување на Балканот во своите редови. Но, како што изјави Димитров за Утрински брифинг, како што се одвиваат работите, Балканците повеќе не се сигурни во својата европската перспектива со оглед на тоа што ветувањето не е исполнето по толку многу време.

„Грците го иницираа ветувањето на Самитот во 2003, па Грција по решавањето на проблемите што ги имавме со нив сега се однесува најприродно и најнормално како што треба – со вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ тие ќе добијат пријатели и сојузници“, вели Димитров.

Настанот се одржува на маргините на 85. меѓународен саем во Солун и е дел од грчкиот национален дијалог во рамките на конференцијата за иднината на Европа како делиберативен процес за одредување на идните насоки на европската интеграција.