Високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит ги повика претставниците на различните народи и политички партии во земјата да се договорат за измените на Изборниот закон, отфрлајќи ги тврдењата дека тој ги претставува ставовите на Хрватите и ХДЗ БиХ во реформата.

– Мора да седнеме и да најдеме заедничко решение бидејќи тоа е улогата на политиката. Европската унија и меѓународната заедница со задоволство ќе помогнат (промена на Изборниот закон), но одговорноста за ова лежи кај избраните претставници на различни партии и различни народи во БиХ, изјави синоќа Шмит во првото телевизиско интервју откако ја презеде функцијата висок претставник во август за Босанската радио телевизијa.

Шмит, поранешен германски министер и долгогодишен пратеник во Бундестагот, ги отфрли тврдењата дека ги застапува ставовите на хрватската страна и на ХДЗ БиХ за изборните реформи, за кои го обвинија голем број бошњачки партии и функционери.

– Импресиониран сум од тоа колку „читачи на мисли” има во регионот, бидејќи тие мисли што се објавуваат и кои наводно се кријат во мојата глава воопшто ги нема, одговори Шмит на новинарско прашање за позицијата на ХДЗ во БиХ.

Тој додаде дека изборната реформа мора да вклучува воспоставување механизми за елиминирање на изборна измама и пресуда на Судот за човекови права за учество на малцинствата на изборите на највисоките функции.

Говорејќи неодамна на предизборна трибина во Германија, Шмит рече дека треба да се најде решение за изборното законодавство во БиХ што нема да доведе до формирање на трет ентитет. Притоа оцени дека актуелниот член на Претседателствоито, Жељко Комшиќ кој би требало да ги застапува Хрватите, го бирале Бошњаците.

Меѓутоа, претходно, тој изјави дека мора да се обезбеди еднаквост на сите конститутивни народи, на што Комшиќ особено се противи и инсистира на нивно укинување. Комшиќ се состана со Шмит и се спротивстави на предлозите за изборни реформи за кои разговараше првиот човек на меѓународната администрација во БиХ.

Во телевизиско интервју, Шмит, исто така, ги повика политичарите да се согласат да го прекинат бојкотот на државните институции. Тој го оцени како штетно за самата земја, но и за нејзиниот пат кон европска интеграција.