Аргентинскиот фудбалски магионичар Лионел Меси го даде неговото прво големо интервју, и тоа за „Франс Фудбал“, во кое открива како ги поминал последните денови во неговиот поранешен клуб Барселона.

Меси се вратил од Аргентина, по освојување на Копа Америка, со намера да ја продолжи неговата соработка со каталонскиот гигант и тоа требало да биде само формалност, но на крајот ситуацијата се искомплицирала.

„Се вратив во Барселона да се подготвам за сезоната, откако ги искористив дополнителните денови за одмор кои ми ги даде тренерот. Сакав да потпишам договор и да продолжам со тренинзи. Мислев дека сѐ е средено и дека треба само мојот потпис, но кога стигнав во Барселона, ми кажаа дека не можам повеќе да останам во клубот и морам да заминам затоа што Барселона нема доволно пари“, вели Меси.

Аргентинецот признава дека го шокирал таквиот епилог од ситуацијата.

„Ми беше болно да ја напуштам Барселона по сите овие години. Мислев дека таму ќе ја завршам кариерата. Беше тешко, но успеав заедно со семејството да ги надминеме проблемите. Почнав да размислувам за иднината и ПСЖ ми даде шанса. Добив и други понуди, но сепак брзо се договорив со тимот од Париз“, открива аргентинскиот фудбалер.