Заклучно со 9 октомври, во земјава вкупно се вакцинирани 795.186 граѓани, ревакцинирани се 748.563, а трета доза примиле 782 граѓани. 53 проценти од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Третата доза од вакцината против COVID-19 е новата одбранбена линија против пандемија, и ако сѐ уште имате сомнежи, еве пет работи што треба да ги знаете.

Истражувањата покажаа дека е безбедна и ефикасна

Вакцината на Pfizer во моментов е единствената што има одобрена и трета доза за оние над 65 години, оние во домови за стари лица, луѓе кои работат на работа каде што има поголем ризик од инфекција, или оние од 18 до 64 години кои имаат поголема веројатност да развијат потешки симптоми. Американската FDA вели дека истражувањата покажале дека третата доза е безбедна и ефикасна.

„Податоците од малата клиничка студија покажуваат дека третата доза го зголемила имунолошкиот одговор на учесниците кои ја примиле 6 месеци по втората доза. Со зголемен имунолошки одговор, луѓето исто така треба да добијат посилна заштита од COVID-19 и делта варијантата“, вели CDC.

Што може да направи третата доза, а што не?

Ниту третата доза, како и секоја друга вакцина, не обезбедува сто проценти заштита, но може да му помогне на имунолошкиот систем да реагира посилно на инфекцијата, така што ќе бидете подобро заштитени од тешки симптоми, хоспитализација и смрт.

Не земајте аналгетици за да ги ублажите несаканите ефекти

Не земајте лекови против болки, како што се ибупрофен и аспирин, пред да ја земете третата доза за да избегнете несакани ефекти. Сѐ уште не е познато како овие лекови можат да влијаат на ефектот на вакцината. Меѓутоа, ако ги земате овие лекови редовно за некои дијагнози, не ги прескокнувајте и пред вакцинација, вели CDC.

Можни несакани ефекти

Како и со првата или втората доза, некои луѓе може да доживеат несакани ефекти по третата доза. Ова е добар знак дека вашиот имунолошки систем учи како да се бори против инфекцијата со коронавирус. Некои луѓе нема да ги почувствуваат несаканите ефекти, но тоа не значи дека третата доза „не функционира“.

„Најчестите несакани ефекти пријавени во студијата по третата доза беа болка, црвенило и оток на местото на инјектирање, замор, главоболка, болка во мускулите и зглобовите и треска. Отечени лимфни јазли под пазувите исто така се пријавуваат почесто отколку по првите две дози“, вели FDA.

Продолжете да се придржувате кон мерките

Третата доза не е 100% заштита и треба да се следат мерки како што се растојание, миење раце и носење маска во затворени простории каде што има повеќе луѓе.