Новак Ѓоковиќ се наоѓа пред тешка одлука. Само неколку дена преостануваат од рокот кој го поставија организаторите на Австралија опен за прва доза од вакцината на сите тенисери и тенисерки кои сакаат да бидат дел од турнирот наредната година.

Некои од најдобрите светски играчи веќе се имунизирале, но се шпекулира дека српскиот ас одбива да го направи тоа. Поради оваа негова одлука тој би можел да го пропушти омилениот Грен слем турнир во кариерата.

Рокот е до 15 октомври, што значи дека за неколку дена ќе знаеме каков ќе биде почетокот на новата година за најдобриот тенисер на денешницата. Втората доза треба да се прими до 26 ноември, за да се има дозвола за настап во Мелбурн.

Ова е проблем кој Ѓоковиќ не може да го реши на теренот. Доколку сака нов голем трофеј, десетти на овој турнир, тогаш ќе мора да ги следи препораките на надлежните органи на Австралија.

Србинот е надвор од терените од денот кога ја испушти историската шанса и загуби во финалето на УС Опен од Данил Медведев.