Бригадниот генерал Пираз Ата Шарифи, главниот телохранител на поранешниот авганистански претседател Ашраф Гани, тврди дека државникот избегал од земјата пред заземањето на Кабул од страна на талибанците.

Тој тврди дека Гани избегал со вреќи во кои имало милиони долари. Шарифи, исто така, тврди дека има снимки од безбедносните камери и сака да ги објави, но постои еден проблем. Имено, поранешниот телохранител во моментов е најбараното лице во Авганистан, градовите се излепени со слики со неговиот лик, а талибанците дури нудат и награда за секоја информација за него. Шарифи се крие во подрум и се уште се надева дека некој ќе го спаси, па во тој случај ќе ја покаже контроверзната снимка.

– Имам снимка која покажува дека едно лице од Авганистанската банка му донело многу пари на Гани пред да замине. Ако некогаш излезам од оваа дупка, ќе прикажам снимки кои ќе го шокираат светот, изјави Шарифи во интервју за Дејли мејл, на тајна локација во Авганистан.

Гани и неговото семејство побегнаа од претседателската палата и заминаа во Обединетите Арапски Емирати на 15 август, кога талибанските бунтовници влегоа во Кабул.

Шарифи додава дека „стотици милиони, можеби и милијарди долари” се наоѓале во вреќите.

– Гани на крајот знаеше што ќе се случи, па ги зеде сите пари и избега, вели Шарифи.

Поранешниот телохранител призна дека има пиштол и еден куршум.

– Ако талибанците дојдат тука, ќе се убијам, заклучи Шарифи.