Венди Мортон, министерка за Европа и Америка на Обединетото Кралство, ќе пристигне во дводневна посета на Скопје, а како дел од нејзината посета, таа ќе присуствува на првиот состанок на советот во рамките на Договорот за партнерство, трговија и соработка (ДПТС) во Министерството за надворешни работи, што ќе ги зајакне трговските врски меѓу двете земји, информира британската амбасада.

Лондон и Скопје го потпишаа Договорот за партнерство, трговија и соработка во декември 2020 година со цел да ја зајакнат можноста за трговска соработка откако Обединетото Кралство ја напушти Европската унија.

„Задоволство ми е што сум тука во Северна Македонија на првиот состанок на советот во рамките на Договорот за партнерство, трговија и соработка. Овој договор претставува рамка за поблизок политички дијалог и засилено трговско партнерство. Исто така, го поддржува унапредувањето на соработката во полето на животната средина, образованието, човековите права и претставува можност за зајакнување на нашите безбедносни и културни врски“, изјави министерката за Европа и Америка на Обединетото Кралство, Венди Мортон изјави:

Во рамките на посетата на министерката ќе се сретне со министерот за надворешни работи Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за животна средина Насер Нуредини, ќе го посети проектот на Британскиот совет Училишта за 21-от век и ќе се сретне со граѓански организации кои работат на заштита на животната средина, промоција на човековите права, родова еднаквост, вклучување на лицата со попреченост и медиумски организации.

Исто така, ќе се разговара и за климатските промени во пресрет на конференцијата за климатски промени (COP26) која ќе се одржи во Глазгов и клучните реформски процеси со акцент на владеењето на правото, доброто владеење, човековите права, медиумите, образованието, родовата еднаквост и вклучувањето на лицата со попреченост.

Ова е втора посета на министерката на Македонија, по нејзината посета како дел од состанокот на Министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес во 2020 година.