Во пристаништето во Лос Анѓелес нема место за закотвување на бродови, па од хеликоптер на крајбрежната стража се гледа редица на транспортни бродови со контејнери кои чекаат да впловат и да го истоварат каргото.

Преполните пристаништа се само една нитка од заплеткатана мрежа на глобалниот синџир за снабдување. Вториот проблем е транспортниот превоз кој е тешко погоден од недостаток на возачи. Дополнително цената на бродски превоз на контејнери со стока од Кина е покачен не до небото туку до вселената.

Светскиот индекс за цена на контејнери покажува дека во средината на август цените за превоз на бродски контејнери пораснале за 360 % во однос на истиот период лани. Сега просечно се плаќа по 9.600 долари за еден контејнер. Цените се однесуваат за 8-те најголеми бродски рути од Исток кон Запад.

Рекорден раст на цени на превоз

Најголем раст има на рутата Шангај-Ротердам (Холандија). За класичен 13-метарски контејнер на оваа рута сега цената изнесува 13.698 долари наместо 2.050 долари колку што се плаќало лани, или во проценти порастот е 659% поскапа услуга од лани.

-Има повеќе бродови отколку што има пристанишни места, објаснува пилот на хеликоптер на крајбрежната стража кој што го надлетува Пацификот пред пристаништето во Лос Анѓелес.

Преку Лос Анѓелес пристигнува половина од трговската стока која во САД се увезува од истокот, пред се од Кина. Најмногу од стоката се елетронски апарати, компјутери и мобилни телефони. Трговијата заживеа откако почна да се отвора светот и САД по короната, но и со приближување на зимските празници кога традиционално се купуваат многу подароци.

Корона мерките се втор проблем што ги успоруваат испораките. Во некои држави има построги, во некои поблаги ограничувања, а сите нив треба да ги поминат возачите на камионите што носат стока. Затоа на некои правци се појавуваат тесни грла и доцнење на испораките.

Недостатокот на возачи ја направи шоферската професија најбарана на светот во моментот. Таму каде што има стока и производи нема доволно возачи на транспортни камиони како што во Британија беше предизвикана нафтената криза откако нема редовен дотур на деривати до бензинските пумпи.

Економијата се буди, ама кризата со набдувањето ги качува цените за потрошувачите

Кризата предизвикана од пандемијата како и нарушувањето на глобалните синџири на снабдување се влошува, предизвикувајќи недостаток на производи за широка потрошувачка и поскапувајќи ги трошоците на компаниите да испраќаат стоки таму каде што се потребни.

Ноќната мора на синџирот на снабдување ги зголемува цените за потрошувачите и го забавува глобалното економско закрепнување. За жал, прекините во синџирот на снабдување „ќе се влошат пред да се подобрат“ предупредува Мудис аналитика.

-Додека глобалното економско закрепнување продолжува да забрзува, она што е се поочигледно е како ќе се спречи одземањето на таа брзина, со прекините во синџирот на снабдување, кои сега се појавуваат на секој агол, анализира Мудис.

ММФ ја намали прогнозата за раст на БДП во САД во 2021 година за еден процентен поен, што е најмногу за било која економија на Г7. ММФ ги наведе прекините во синџирот на снабдување и слабеењето на потрошувачката – што и самата беше делумно предизвикано од тесните грла во синџирот на снабдување, како што е помало производство на нови автомобили во услови кога не се произведуваат доволно компјутерски чипови.

-Граничните контроли и ограничувањата за мобилност, недостапноста на глобална дозвола за вакцинираност и зголемената побарувачка се комбинираа во перфектна бура во која глобалното производство ќе биде попречено бидејќи испораките не се вршат навреме. Со тоа трошоците и цените ќе се зголемат и како резултат на сето тоа, растот на БДП во светот нема да биде толку силен , предвидува агенцијата Мудис во извештајот.