Тензиите во северниот дел на Косово започнаа откако вчера наутро косовската полиција спроведувала, како што тврди, акција против шверцери на стоки
Полицијата соопшти дека шест полицајци се повредени, а тројца се уапсени
По вчерашните инциденти, во северниот дел на Косово утрово е мирно, а барикадите што беа поставени на локалните патишта се отстранети.

Српските медиуми утрово јавија дека лицето, кое беше рането во полициската акција, се уште е на интензивна нега во болницата во Косовска Митровица, во сериозна состојба, но надвор од животна опасност, објави Н1.

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џеваљаљ Свечља, рече дека акцијата не е насочена против која било националност, туку против криминалци кои криумчареле нелегална стока во Приштина, Пеќ и северните и јужните делови на Косовска Митровица.

Косовскиот премиер Албин Курти вчера изјави дека на акцијата ѝ претходела интензивна истрага и дека е спроведена по наредба и во координација со надлежните обвинителство и суд, како и „се запленети стоки и докази, што претставуваат материјални.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера во Рашка изјави дека Белград ќе се обиде да го зачува мирот, порачувајќи им на Србите од Косово да го заштитат својот народ и дека ќе бидат со нив доколку започне насилството.

Тензиите во северниот дел на Косово започнаа откако вчера наутро косовската полиција спроведувала, како што тврди, акција против шверцери на стоки. Припадниците на косовската полиција, според информациите, упаднале во една од градските аптеки каде што ги проверувале царинските документи.

Потоа граѓаните се собрале на протест, изразувајќи незадоволство од акцијата, а ситуацијата ескалирала кога косовската полиција почнала да фрла шок-бомби и солзавец.

Полицијата соопшти дека шест полицајци се повредени, а тројца се уапсени.

Се огласи и Вашингтон
САД повикаа на смирување на тензиите на Косово и нагласија дека ќе продолжат да соработуваат со партнерите од Европската унија и НАТО за да им помогнат на сите страни да ги нормализираат односите.

Неименуван портпарол на Стејт департментот за Гласот на Америка рече дека САД повикуваат на смирување на ситуацијата по последните настани на Косово.

„Продолжуваме да работиме со партнери од Европската унија и НАТО за да им помогнеме на сите страни да одржат напредок во нормализирање на односите и намалување на тензиите“,рече портпаролот.

Претходно, Белград ги повика КФОР и НАТО да реагираат, а ЕУ повика на прекин на насилните инциденти.