Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ денеска го распиша конкурсот за овогодишната награда со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

Државната награда им се доделува на поединци, здруженија на граѓани, неформални групи и други правни субјекти, а може да се додели и на странски државјани, и на други меѓународни и странски правни субјекти. Истовремено, на награден поединец му се доделува диплома и паричен износ, додека на наградено здружение на граѓани или друг правен субјект му се доделува само диплома и плакет.

„На секој член од наградената неформална група му се доделува диплома и еднаков дел од паричниот износ. Паричниот износ за државната награда „Мето Јовановски“ изнесува пет (5) просечни месечни плати во Република Северна Македонија исплатени во последните три месеци од тековната година“, стои во соопштението за конкурсот.

Правила за поднесување иницијатива:

Иницијатива за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ може да поднесат здруженија на граѓани, граѓани, странски државјани, како и други правни субјекти во земјава и во странство.
Подносителите на иницијативата за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ треба да достават биографија, портфолио на постигнувањата и опис на акцијата за која сметаат дека предизвикала позитивна промена во одредена област на човековите права за која се поднесува иницијативата.
Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во најмалку два (2) примерока.
Адресата на којашто треба да се достават иницијативите е: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мето Јовановски“, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, Скопје, Република Северна Македонија.
Иницијативите и прилозите (трудови, книги, публикации и сл.) доставени по утврдениот рок за прием, како и некомплетните иницијативи, нема да бидат разгледани од страна на Одборот.
Образецот може да се најде на следниов ЛИНК

Наградата се доделува секоја година на 10 декември кога се одбележува Меѓународниот ден на човековите права, а во рамките на конкурсот може да се доделат најмногу две награди.