Полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО ДПМНЕ, вели Ковачки.

Почитувани,

Според Извештајот на Стејт Департментот на САД, Македонија под водство на Зоран Заев е хибриден режим.

Еве и зошто. Скандалот кој денес ќе го откриеме содржи информации кои потврдуваат зошто имаме режим. Информациите ни се доставени од загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група. За што станува збор:

Полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз.

Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ” според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители.

За изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Во групата членувале и командирот на ОВР Прилеп – Дарко Цуцулоски, заменикот командир – Ванеса Колашинац, началникот на НККР Прилеп – Емилија Велкоска, како и Кире Китаноски кој е личен шофер на советникот на министерот Спасовски – Оливер Лукароски, кој според конверзацијата во групата е главниот налогодавец.

Злосторничката групација составена од полицајци на Заев и Спасовски договарале малтретирање на секој кој не го поддржувал СДСМ: „Земете му ја колата и убијте го”, гласи една од координираните наредби во групата.

Друга порака од групата вели – „Застанете ги возилата и на принуден технички преглед”!

Еве ги грозоморните детали:

Цитирам една од пораките:

„Вчера во 19.00 часот на ул. Кеј 19-ти септември пред зградата на зоолошката, втора зграда, Тојота црн џип ПП 0200 во кој седеше Борче Јовчески, во возилото седеше со УПС Мики Чадамов кој му предаваше список, односно документи” – дава информација во групата Марјан Мачорот од БПС Прилеп.

Ова е извадок од таа конверзација, која открива дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и сега веќе избран градоначалник на Прилеп, бил следен од полицијата за партиски цели на СДСМ.

Во друг дел од брифинзите кои си ги даваат помеѓу себе, Дарко Цуцулоски, командирот на ОВР Прилеп пишува – цитирам:

„Онај од комуналец замина пешки на кутии”, на што Кире Китаноски шоферот на Оливер Лукарески дава насока – „На технички, земете му ја колата”. Додека Александар Крајоски од БПС Прилеп додава – „Крфта да му ја е…”. На тоа Кире Китаноски, шоферот на Оливер Лукароски уште еднаш дава насока – „Земете му ја колата, убијте го, напрајте нешто”.

Од овие пораки јасно гледаме наредба за шиканирање, малтретирање, одземање на возило за политички причини, и наредба за нанесување на физички повреди и убиство.

Во групата се давани насоки и се договарани и други физички пресметки, како и закани по животот на прилепчани.

Откако Давор Пашкоски од БПС Прилеп во групата ќе напише – обезбедувањето, Александар Крајоски му одговара – „Е…” Во продолжение Младен Љољо од БСП Прилеп информира – БМВ црно (0898) АЦ, на што Кире Китаноски шоферот на Оливер Лукароски дава насока и информира – „Му пуштив на Џо едни билдери минатиот пат шо го нашлакаја ќе го посетат за кратко”. А, Давор Пашкоски од БПС Прилеп на тоа додава – „Ќе му прата поздрав и од друга страна”.

Почитувани,

Од ова се гледа како високи полициски функционери создавале групи за пресметки и тепање на граѓани кои не размислувале како раководството на СДСМ.

Во целост се злоупотребувани и полициските овластувања за што е можно поголема саботажа на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, во дел од конверзацијата во групата, Борче Црнески од БПС Прилеп информира – Голф ПП (9260) АЦ Мирослав Кусибојски, Пежо ПП (5008) од Проданоски, на што Кире Китаноски шоферот на Оливер Лукароски дава насока – „Барајте купопродажен, полномошно, кој го има законот нека види кој член е, носете го во полиција, колку минути повеќе ги држите – толку помалку ќе однесат, да дојди газдата по возилото ако немаат полномошно”.

Почитувани граѓани,

Почитувани новинари,

Скандалот продолжува.

Ова е само мал дел од комуникацијата помеѓу високи полициски функционери кои биле дел од група во рамките на МВР за следење, шиканирање, малтретирање, физички напади и оневозможување на функционери и активисти на ВМРО-ДПМНЕ во нивната работа. Во наредниот период ќе откриеме уште детали за овие нелегални и казниви активности.

Го повикуваме ЈО веднаш да отвори случај против Оливер Спасовски, Зоран Заев и Љупчо Николовски, како одговорни во МВР и СДСМ за овие избори. Истовремено ги повикуваме меѓународните претставници во земјава внимателно да ги следат случувањата организирани од власта, а се со цел уривање на демократијата.

Народот да не се плаши од Заев, како што не се исплаши ниту во првиот круг. Позади параванот никој не може да види за кого ќе гласате. Бидете свои и изберете промени. За сите криминалци ќе има одговорност.

Доколку Заев се обиде со притисоци да ја заташка работата, треба да знае и тој и сите директно вмешани дека ќе одговараат веднаш по ослободувањето на институциите од ваквите криминалци за сите злоупотреби и криминали кои ги правеле.

Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ