Им благодарам на секоја една Охриѓанка и Охриѓанец кои ја дадоа поддршката во првиот круг. Сега повторно седам пред вас и ја барам поддршката во вториот круг, затоа што искрено верувам дека Кирил Пецаков е вистинската одлука за промени проекти и победи тука во Охрид. Од една страна е пактот со мафијата, од друга страна е пактот со народот. Пецак ќе му служи на Охрид, и на народот, исто како што ќе служи и советот каде највеќе советници има токму ВМРО-ДПМНЕ. Пецаков ќе работи и за новата иднина и сум убеден дека Охрид го чекаат подобри времиња, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој вечерва од Долни Сарај во Охрид се обрати по повод празникот 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.

Тој посочува дека ветува нешто ново, подобар живот и иднина, конкретен план и проекти и силна волја и верба тоа да го направат и ги повика сите граѓани на обединување против оваа власт.

– Ова е наша заедничка борба. Ова е борба на народот против оваа аздисана, корумпирана, арогантна и неспособна власт. На овие избори се праќа порака до власта која владее цели 5 години, а на избориве бара повторно апсолутна моќ освен во владата и во општините, и се однесува како да е опозиција и потценувајќи го сопствениот народ сака да се провлече и да не натера сите да заборавиме кои се и што се направија. Ги видовме какви се, и ништо ново ниту поразлично не може да очекуваме од нив. Затоа се обраќаме до сите граѓани, до Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати, до народот кој ги живее проблемите и ги гледа и сака да се бори со предизвиците. Во вас е силата. Од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, заедничка, подобра иднина, или ќе останеме потонати во апатијата и безнадежноста. Ги повикуваме сите. Сите гласачи кои сакаат нешто да се промени, и не поддржуваат, како и сите оние кои не се определиле првично за нас и оние кои се разочарани од политиката, ајде да се обединиме. Вие сигурно имате оправдана причина да се сомневате. И ние никогаш не сме тврделе дека сме безгрешни, ниту пак совршени. Време е да ги надминеме разликите и да се мобилизираме и обединиме, да покажеме слога и заедништво во намерите да се направи подобро. Потребни сме и сите заедно на Македонија. Со поделби само други користат. Потребни сме заедно да се бориме рамо до рамо и само така ќе успееме. Сложно, истакна Мицкоски.

Тој вели дека ако пропадне вашиот глас и останете дома, тие ќе успеат и ќе мислат дека ве надмудриле, ќе мислат дека добро правеле досега и ќе се охрабрат во се она што го прават, а сите нас не тишти и го сметаме за лошо и погрешно.

– Да покажеме дека самите сме господари над сопствените судбини и дека никој ја нема нашата волја во џеб за да си поигрува со нејзе. Ајде сите заедно да направиме големи работи, големи чекори напред, да ја создадеме иднината сега, таа нова иднина која сите ја посакуваме.
Уште само еден чекор не дели од она за кое сите заедно сонуваме. Ништо не е невозможно. Победата е на дофат. Излезноста е клучот. Тие сакаат да наведнете глава, ние велиме – Гордо напред и Главата горе! Да покажеме дека промените се можни и дека тие не се ништо друго освен вашата сила и неумолива волја, надеж и стремеж за подобра, нова иднина… Затоа што вие и само вие сте силата на Македонија!
А ние вашиот глас и борец за вашите права. Македонија е жива, а ќе биде и напредна и силна. Затоа што Македонија,..била и ќе остане да биде вечна. Да сте живи и здрави, Да живее ВМРО, Да живее Македонија, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.