Од 27 октомври до 7 ноември во Младинскиот центар ќе биде отворена изложбата „Ѕиркачот“ на Стефан Божиновски. Изложбата се состои од просторна инсталација и перформанс.

И чувствуваш како некој да е тука, и те гледа.
Не го гледаш, но те гледа. Будно те следи, и… чека.
Како сведок. Нем сведок на туѓо постоење.

За изложбата, Ангела Витановска пишува дека сите ние, на еден или друг начин, сме мета на постојано набљудување.

„Нашето постоење е нераскинливо сврзано со потребата за анализа, првично поттикната и во одредена мера испровоцирана од природната потреба за љубопитност и желбата што подетално да се истражи и осознае светот во кој егзистираме, да се разоткрие превезот на конфузија и загадочност постојано диктирани од страна на аналитичката страна од нашиот разум“, вели таа.

Витановска ја коментира и опседнатоста со туѓото, отровната љубопитност која не контролира одвнатре и демне низ кревките и непредвидливи лавиринти на нашето постоење, поттикнува низа постапки за кои честопати и не може да се пронајде соодветно оправдување.

„Во денешното општество љубопитноста и силната желба да се навлезе и да се дознае нешто „повеќе“ за другиот е сосема нормализирана појава, дополнително поттикната од социјалните медиуми. Љубопитност да се види одредена содржина, содржина што може да се избере лично според желбата што ја има поединецот, побудувајќи ја скопофилијата во својот нарцисоиден аспект, а и кои уште повеќе влијаеја врз деперсонализирање на идентитетот и индивидуалитетот на поединецот, кој продолжува да демне сместен во кревката фрагилност и несигурност на сопственото постоење“, истакнува таа.

Стефан Божиновски е роден во 1999 год, во Битола, Р. Македонија. Моментално е студент на додипломски студии на Катедрата за графика (со модул Сценографија) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Покрај матичната работа во областа на графиката, тој работи и во областите сликарство, фотографија, филм и театар.

Во текот на студиите има учествувано на повеќе изложби, како изложбата на студентска графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“ (најдобра студентска графика за академската 2020/21), изложбата Љубов во време на корона 2020 (со фотографија) и изложбата Одбиенале 2021. Од јули 2017 – август 2018 год. е дел од првата генерација на „Докуникулци“ школата за документарен филм на Македокс. Во неговото портфолио има и еден краток филм, „Тука сум“ (2021), во кој се јавува како сценарист и режисер. Во текот на 2020 год. работи како дел од тимовите на повеќе научно-културни студентски проекти во соработка со студенти од повеќе факултети при УКИМ.