Нашата харфистка Мерсиха Шукри, која инаку е првиот дипломиран харфист на Факултетот за музичка уметност во Скопје и првиот магистер во оваа сфера кај нас, вечерва во 20 часот, со концерт во Филхармонија ќе одбележи 20 години од нејзиното творење. На програмата ќе бидат изведени композиции од Дуранд, Дусек, Глинка и Хенсон. Како гости ќе настапат нејзините драги колеги Елена Талевска на виолина и Паскал Краповски на виолончело.

Шукри е добитник на повеќе републички и меѓународни награди како солист и како камерен музичар и има остварено многубројни солистички концерти. Таа има настапувано надвор од Македонија, во Србија, Словенија, Косово, Франција, Унгарија, Холандија, Израел, Хрватска.

Шукри во 2013 година го издаде своето прво цеде со музика за соло-харфа „Звуците на харфата“. Тоа е и прво цеде со музика за соло-харфа во Македонија воопшто.