Регионалната канцеларија за младинска соработка – (RYCO), Државниот министер за млади и деца на Албанија и Министерството за образование и спорт на Албанија го организираа регионалниот министерски состанок за млади и образование во Тирана. На состанокот присуствуваа министрите и замениците министри задолжени за млади и образование од шесте земји од Западен Балкан, како и министерот за образование на Италија.

– Младите се централни актери во градењето одржливи и мирни општества во Западен Балкан. Како такви, тие споделуваат многу заеднички работи додека нивните надежи и вредности во регионот се тесно усогласени“, подвлече генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и додаде дека само преку заеднички акции можеме да напредуваме како регион со почитување на вредностите на мирот, довербата заснована на меѓусебно разбирање, почитување на човековите права, различности, достоинство, солидарност, соработка, толеранција и почит.

– Сега, повеќе од кога било, младите се срцето на Балканот и ние треба да ги преземеме сите неопходни мерки за тоа срце да продолжи да чука. Оваа средба не е само потврда дека се постигнуваат големи резултати кога соработуваме и ги здружуваме силите за заеднички цели, туку и прозорец на надеж за идна соработка што ја покажува подготвеноста на целиот регион да се грижи за својата младина, изјави државната министерка за млади и деца од Албанија, Бора Мужаќи и додаде дека денеска не ги славиме само младите од Албанија, туку и младите од регионот, потврдувајќи ја нашата посветеност на регионалната младинска соработка.

Зборувајќи за визијата на стратегијата на нејзиното Министерство за квалитетно образование, Албана Толе, заменик-министер за образование и спорт на Албанија, рече дека таа се заснова на принципите на инклузивност и доживотно учење, овозможувајќи развој на потенцијалите на поединецот, придонесувајќи за личната благосостојба, зајакнување на демократијата и понатамошна интеграција. – Денешниот состанок е од особено значење, бидејќи им даде шанса на учесниците да разменат искуства на регионално ниво и да го поддржат креирањето политики што ги одразуваат регионалните предизвици за образованието на нашите млади луѓе, заклучи таа.

Имајќи предвид дека младите треба да бидат вклучени во политиките на владите во регионот, како и улогата што треба да ја имаат министерствата за образование и млади, од Регионалната канцеларија за младинска соработка потенцираат дека овој состанок послужи како прв чекор да ги доведе најважните владини претставници од регионот да разговараат за регионалната младинска политика и да споделат заеднички практики. На регионалната средба беше потврдена и важноста на помирувањето и регионалната младинска соработка во Западен Балкан.

Учесниците ја лансираа новата РИКО онлајн платформа за млади – Хајде!. Веб-страницата ХАЈДЕ е регионална медиумска платформа посветена на младите, предводена од млади луѓе.

Дел од министрите присуствуваа и на регионалниот настан за волонтирање организиран од проектот ROUTE WB6 на РИКО.

Регионалната канцеларија за младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office) е меѓувладина организација основана од владите на Западен Балкан, чија цел е да го промовира духот на помирување и соработка меѓу младите во регионот преку програми за младинска размена. Договорот за основање на РИКО беше потпишан од премиерите на ЗБ6 за време на Самитот за Западен Балкан одржан во Париз на 4 јули 2016 година.