Како што се зголемуваат тензиите меѓу Вашингтон и Москва поради потенцијалната руска инвазија врз Украина, американското разузнавање откри дека Кремљ планира офанзива на повеќе фронтови во почетокот на следната година, во која ќе учествуваат до 175.000 војници, тврдат американски официјални лица и разузнавачки документ во кој увид имаше Вашингтон пост.

Кремљ ги придвижува трупите кон границата со Украина, барајќи од Вашингтон да гарантира дека Украина нема да се приклучи на НАТО и дека Алијансата ќе се воздржи од одредени воени активности на и околу украинската територија. Кризата предизвика страв од обнова на војна на европско тло и доаѓа пред планираниот виртуелен состанок следната недела меѓу претседателот Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.
„Руските планови предвидуваат воена офанзива врз Украина веднаш на почетокот на 2022 година со двојно повеќе сили од она што го видовме минатата пролет за време на вонредната вежба на Русија во близина на границите на Украина”, рече претставник на администрацијата, кој сакаше да остане анонимен.
„Плановите вклучуваат широко движење на 100 баталјонски тактички групи со околу 175.000 лица, заедно со оклопни возила, артилерија и опрема”.

Американскиот разузнавачки некласифициран документ до кој дојде весникот, кој вклучува сателитски фотографии, покажува дека руските сили се собираат на четири локации. Во моментов, според документот, распоредени се 50 тактички групи на бојното поле, заедно со „новопристигнатите” тенкови и артилерија.

Додека според украинските проценки Русија има распоредено приближно 94.000 војници во близина на границата, но се предвидува зголемување на дури 175.000 војници и екстензивно движење на тактичките групи на баталјоните до и од границата „за да се прикријат намерите и да се создаде несигурност”.

Анализата на САД за плановите на Русија делумно се заснова на сателитски снимки кои „покажуваат новопристигнати единици на различни локации долж украинската граница во текот на минатиот месец”, рече претставникот.

Деталите за американското разузнавање даваат слика што државниот секретар Антони Блинкен почна да ја прикажува оваа недела на патување во Европа, каде што опиша „доказ дека Русија направила планови за значителни агресивни потези против Украина” и предупреди дека ќе има тешки последици, вклучително и економските мерки, доколку Русија изврши инвазија.

Бајден рече дека подготвува мерки за зголемување на цената за секоја нова инвазија на Путин, кој ги отфрла американските предупредувањата како гласини и тврди дека Русија никому не се заканува.

„Она што го правам е тоа во што верувам, дека тоа ќе бидат најсеопфатниот и најзначаениот збир на иницијативи за да му биде многу, многу тешко на Путин да продолжи да го прави тоа поради што луѓето се загрижени дека може да го направи”, нагласи Бајден во петокот.

Ненадејната мобилизација на руските резервисти годинава и драматичната ескалација на нејзината реторика во однос на Украина го изненадија Вашингтон.

Руските власти ја бранеа мобилизацијата на резервистите како неопходна мерка за помош во модернизацијата на руските вооружени сили. Но, администрацијата е загрижена поради ненадејнот и брзо ангажирање на резервистите, а се очекуваат дополнителни 100.000 војници на околу веќе распоредените 70.000.

Разузнавачките податоци за потенцијалниот пораст на силите е поткрепено и со претходното предупредување од Блинкен дека Путин набрзо би можел да нареди инвазија на Украина и помага да се објасни зошто претставниците на администрацијата на Бајден со недели алармираат за заканата од неизбежна инвазија.

„Не знаеме дали претседателот Путин донел одлука за инвазија. Знаеме дека тој поставува капацитет да го стори тоа по краток рок, доколку така одлучи”, изјави Блинкен за новинарите во Европа еден ден пред средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Мораме да се подготвиме за сите непредвидени ситуации”.

Лавров, во јавните коментари ги повтори предупредувањата на Путин за американската воена опрема и активности кои ги напаѓаат руските граници и рече: „Се враќа кошмарното сценарио за воена конфронтација”.

Разузнавачкиот документ, исто така, сугерира дека руските сили можеби оставаат опрема зад себе во објектите за обука за да може брзо да почне нападот врз Украина.

Украински владин претставник изјави дека руските воени вежби спроведени претходно оваа година во близина на границите на Украина им помогнале на руските сили во суштина да вежбаат инвазија.

„Руските трупи работат на создавање ударни групи во близина на границите на нашата држава, на мобилизација, на логистичка поддршка на групите, и трансфер на значителни воени контингенти, вклучително и по воздушен пат”, од Русија до границата со Украина, изјави неименуван официјален претставник.

Додека се подготвува за инвазија, руската Влада, исто така, води пропагандна кампања, рече претставникот на американската администрација.

„ Изминатиот месец, нашите информации укажуваат на тоа дека во медиумите се зголемени написи во кои се оцрнува Украина и НАТО, делумно за да ја префрлат вината за потенцијалната руска воена ескалација на Украина”, рече претставникот.

„Неодамнешните информации, исто така, укажуваат дека руските официјални лица предложиле во руските информативни операции против Украина, да се нагласи наративот дека украинските лидери се инсталирани од Западот, кои го мразат „рускиот свет” и оти дејствуваат против интересите на украинскиот народ”.

Блинкен од Летонија, Блинкен ги предупреди Украинците да не и даваат на Русија изговор за воена акција.

„Ние, исто така, ја повикуваме Украина да продолжи да се воздржува бидејќи, повторно, руската игра е да тврди дека е провокација за нешто што тие планираат да го направат цело време”, рече тој.

Путин побара од САД и нивните сојузници да дадат пишани гаранции за какво било проширување на НАТО со вклучување на Украина и Грузија и ограничување на воената активност во близина на границите на Русија, особено во и околу Украина. Барањата за нов европски безбедносен пакт доаѓаат откако Путин со месеци сугерираше дека воените активности на САД и сојузниците во Украина и во близина на руските граници ја преминуваат црвената линија на Кремљ.

На Русија и требаат „прецизни правни, судски гаранции бидејќи нашите западни колеги не успеаја да ги исполнат вербалните обврски што ги презедоа”, рече Путин во говорот во Кремљ, предлагајќи почеток на „суштински разговори на темата”.

Путин долго време се противеше на проширувањето на НАТО во поранешните држави од Варшавскиот пакт како посегнување кон Москва. Тој рече дека конкретен договор мора да „исклучи какво било понатамошно проширување на НАТО кон исток и распоредување на вооружени системи кои претставуваат закана за нас во непосредна близина на територијата на Русија”.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки ја отфрли идејата дека Вашингтон ќе обезбеди гаранција дека Украина нема да влезе во НАТО.

„Земјит- членки на НАТО одлучуваат кој е член на НАТО, а не Русија”, им рече Псаки на новинарите за време на брифингот во Белата куќа во петокот.

„Така отсекогаш функционирал процесот и така ќе продолжи. Мислам дека е важно да се запомни од каде доаѓа провокативната акција. Тоа не се САД. Тоа не е Украина”.

Официјални претставници на САД и Украина и воени аналитичари веруваат дека Русија ќе изврши многу поголема инвазија сега отколку во 2014 година, кога го анектираше Крим и поттикна сепаратистички бунт во источниот дел на Украина. Планот, оценуваат официјалните лица и аналитичарите, би можел да биде да се принудат украинските трупи да се борат на повеќе фронтови, барајќи не толку територија, туку капитулација од Киев и неговите западни поддржувачи, што ќе резултира со безбедносни гаранции што ги сака Путин. Воените аналитичари ја споредија таа стратегија со инвазијата на Москва врз Грузија во 2008 година.

Претходно Путин изјави вежбите со американските стратешки бомбардери со нуклеарни капацитети кои летаа над Црното Море претставуваат закана за Москва, заедно со американските системи за противракетна одбрана во Полска и Романија.

Тој, исто така, изрази загриженост за распоредувањето на ракетите на НАТО на украинска територија, од седум до 10 минути би можеле да стигнат до Москва – иако не се објавени такви планови.