Почетокот на преговори со ЕУ, зависи од земјава, а не од Европската Унија и од Бугарија, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Европските ставови се како ние ќе си ја завршиме домашната задача. Од една страна има поддршка Македонија да почне преговори со ЕУ, но исто така мора да сме фер и да ги слушаме до крај и читаме, дека постои сериозна загриженост во однос на владеење на право, степенот на корупција, реформите во јавна администрација и економската состојба, вели Николоски во гостувањето на „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

Во однос на датумот кој го добива оваа влада тој вели дека веќе е несериозно тоа да се кажува пред граѓаните, затоа што Заев, вели дека добива датум од јуни 2018, а сега сме декември 2021.

– Три и пол години живот на граѓаните помина, тој лаже дека добива датум за преговори. Додека лажат за датум нивни луѓе од Владата во нетранспарентен процес добиваат дозвола да градат фотоволтаици или друг тип на централи, а гледаме тоа се фирми на контроверзни бугарски бизнисмени. Додека со едната рака зборуваат за ЕУ, од друга страна ја уништуваат таа можност затоа што се корумпираат, себе тие околу нив и општеството, рече Николоски.

Говорејќи за договорот на Заев и Гаши и реотворање на судски случаи тој вели неприфатливо е во судството да се меша извршаната власт, а мешањето на една од овие власти, во случајот извршната врз судската е нарушување на уставниот поредок на државата, што е апсолутно неприфатливо.

Според него, на сите граѓани им е јасно дека овие разговори што сега се водат за проширување на парламентарното мнозинство се исклучиво базирани на позиции во власта, а не заради добивање на датум за преговори, и тоа, вели, „во услови кога е извесно дека тоа нема да се случи“.

Николоски вели дека утре во Собрание ќе се разговара за продолжување на, како што вели, т.н. енергетска кризна состојба, а тие ќе побараат од мнозинството да го прифати нивниот план за справување со неа.

-Нашиот план е план за помош за граѓаните и компаниите за да не се почувствува ценовниот шок, од струјата и греењето во вредност од 250 милиони евра, нагласи Николоски.

Во однос на комисиската расправа за буџетот, тој рече „власта ги одби повеќето амандмани и јасно е на каде одат работите“.