Околу 700 милиони евра во инфраструктурни проекти во Североистокот, вкупните инвестиции долж Коридор 8 може да достигнат 2,5 милијарди евра.

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска извршија увид во градежните активности кои се одвиваат на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, кој се гради во две фази, со вкупна вредност од 58,5 милиони евра.

По извршениот увид во тековните активности на оваа патна делница, вицепремиерот Битиќи, во изјава за медиумите потенцираше дека изградбата на модерна, сигурна и квалитетна инфраструктура е на врвот на приоритетите на Владата и токму затоа се реализираат и планираат низа на проекти во патната, железничката, енергетската инфраструктура, со кои ќе се овозможи поквалитетно поврзување со соседните земји, но и внатрешно поврзување помеѓу градовите во Македонија кое ќе придонесе за рамномерен регионален развој.

„Денеска вршиме увид на изградбата на експресната делница Ранковце-Крива Паланка, еден од повеќето проекти со кои сакаме значително да ги подобриме транспортните услови на Коридорот 8. Само во северно-источниот дел на нашата земја во инфраструктурни проекти, ако се земат предвид патната и железничката инфраструктура, имаме проекти кои се во вредност од околу 700 милиони евра, а кои ги опфаќаат изградбата на овој експресен пат, проширувањето на патот од Крива Паланка до Деве Баир, потоа рехабилитацијата на патот од Куманово до Страцин, но и изградбата на пругата од Куманово до границата со Бугарија. Би сакал да потенцирам дека активно работиме и на западниот дел од Коридорот 8, каде веќе е во изградба автопатската делница Кичево-Охрид, во вредност од речиси 600 милиони евра, а во план е изградба и на целосно автопатско решение Ќафасан-Струга и Кичево-Гостивар-Тетово. И железничкиот Коридор 8 во западниот дел од земјата е во план да се гради, со нова делница од Кичево до Лин, за кој имаме готов проект, со проекција од околу 500 милиони евра и за кои веќе започнавме да комуницираме со меѓународните финансиски институции за обезбедување на средства. Сите овие проекти, на Коридорот 8, кои се во вредност од околу 2,5 милијарди евра, се јасен сигнал и кон нашите сограѓани, соседите во регионот но и Европа, дека инвестираме во иднината”, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Вицепремиерот Николовски истакна дека изградбата на експресниот пат Ранковце-Деве Баир и проширувањето со трета лента на патот Крива Паланка-Деве Баир е од огромно значење за регионот.

„Овој експресен пат опфаќа две делници, тоа се Длабочица-Чатал и Крива Паланка-Длабочица, а како продолжение е и доизградба на третата лента на државниот пат Крива Паланка-Деве Баир. Вкупната вредност за изградба на трите делници е близу 70 милиони евра. Овој инфраструктурен проект, како дел од Коридорот 8, е исклучително значаен за регионалното поврзување, соработката и за меѓународната трговија. Инфраструктурата за која некогаш само се говореше, денеска е преточена во план, програма и реализација. Ја отвораме вратата кон северно-истокот и константно и подеднакво ги развиваме сите точки од државата. Со инвестиции, посветено вложуваме во развојот и растот на регионот. Во текот на 2020 година, за прв пат по 40 години беа рехабилитирани регионалниот пат Крива Паланка-Огут и Крива Паланка-Луке со што се олесни гравитирањето и се подобрија условите за живот на граѓаните на овие две села. Завршена е и предвидената рехабилитација на регионалниот пат Ранковце-Крива Паланка, во должина од 21 километар. Го оживеавме кривопаланечкиот регион, а секојдневно со многу мудрост работиме на реализација на важни проекти за развој на целата територија на државата. Вложуваме во инфраструктурата, вложуваме во иднината”, изјави Николовски и додаде дека кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот, не ги попречи капиталните инвестиции, кои продолжија со изведба и тоа со интензивна динамика.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, соопшти дека втората фаза од експресниот пат се работи со задоволителна динамика, во моментот е со реализација од околу 50 проценти, а Министерството и Владата прават напори за забрзување на градежните работи на овој патен правец.

„Македонија има стратешка определба за изградба и модернизација на Коридорот 8, како дел од пан-европските Коридори што ја поврзуваат оската исток-запад. Соочувајќи се со предизвикот да го забрзаме и воедно да го олесниме транспортот кон земјите од Европската Унија како и кон земјите од Западен Балкан, посебен фокус ставаме на изградба и модернизација токму на овој Коридор, како проект од национален интерес”, рече Бочварски, по што се осврна и на другите активности на Министерството за транспорт и врски. „Сакам да потенцирам дека активно работиме на сите проекти, само во овој момент се работи на 17 патни правци со околу 300 километри и вредност од 825 милиони евра. Продолжуваме активно да работиме и на другите капитални проекти во делот на гасификацијата и водоводните и канализационите системи”, нагласи министерот Бочварски.