Откупната цена на пролетната зелка во Струмичко се намали за 5 денари за килограм и наместо за 30, колку што се плаќаше за неа до завчера, се откупува за 25 денари.

Намалувањето на откупната цена го потврдија и производителите и трговците. За првите доколку нема нови падови на цената, тогаш и со оваа можат да бидат задоволни.

За трговците намалената цена на пролетната зелка се должи на зголемената понуда и екот на бербата на оваа градинарска култура, но и на нелојалната конкуренција од одредени трговци, кои ја нудат зелката за пониска цена на купувачите во странство.

Пред четири дена трговците се жалеа дека студениот бран ја пролонгира испораката на ран зеленчук, но со затоплувањето почна интензивната берба.

-Вчера и денес има голема понуда на пролетна зелка на откупните пунктови. Сега е моментот кога понудата е поголема од побарувачката и затоа дојде до намалување на откупната цена. Како и секоја година, и оваа зелката стасува во средината на април и тоа е случај кај сите производители. Наместо да има одредена динамика на стасување за берба, може да се случи за 10-15 дена повторно да нема понуда од ова градинарска култура, смета трговецот Блажо Витанов од компанијата „Империјал фруит“.

По почетните скромни од 100 до 150 тони, деновиве од Струмичко се извезуваат меѓу 1500 и 2000 тони пролетна зелка, која претежно се пласираа на пазарите во Србија, Хрватска, Романија и Украина.