Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Чешката Република, Лубомир Метнар.

Двајцата соговорници изразија задоволство од севкупните билатерални односи, основани на заемна почит, пријателство и разбирање, притоа потврдувајќи ја подготвеноста за натамошно динамизирање на соработката меѓу двете држави во сите области од заемен интерес, со акцент на одбранбената сфера, соопшти Кабинетот на претседателот.

На средбата беше истакната важноста на Меморандумот за разбирање за техничка соработка меѓу министерствата за одбрана и за внатрешни работи на Македонија и Министерството за одбрана на Чешка, што денеска беше потпишан во Скопје. Во тој контекст беше нагласено дека размената на искуства и зајакнатата соработка помеѓу вооружените сили на двете држави, особено во рамките на Северноатлантската алијанса, е значаен придонес кон мирот, безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко.

Претседателот Пендаровски и министерот Метнар разменија информации за актуелните состојби во двете држави, во однос на справувањето со последиците предизвикани од Ковид-19. Претседателот Пендаровски ја потенцираше солидарноста меѓу државите, како важен предуслов за успешно соочување со пандемијата. Во таа насока ја нагласи помошта и поддршката што Република Македонија ја добива од Чешката Република, стои во соопштението.